Светското фудбалско првенство во 2034 година ќе се игра во Саудиска Арабија, која вети дека ќе изгради уникатни стадиони и кажа дека сите се добредојдени. И покрај тоа што 11 од планираните 15 стадиони, како и еден град-домаќин сѐ уште не се изградени, кандидатурата на Саудиска Арабија не наиде на противење, освен веќе познатите забелешки за (не)почитувањето на човекови и работнички права во земјата.
„Тие имаат огромен потенцијал и несомнено ќе го променат начинот на кој се пристапува кон идните дизајни и структури на стадионите“, кажа ФИФА.
Во ноември, ФИФА ја оцени кандидатурата на Саудиска Арабија со 4,2 од можни пет, што е највисоката оценка досега.
Организаторите најавија дека мечевите ќе се играат во пет града: Ријад, Џеда, Абха, Ал-Хобар и Неом, футуристички, сѐ уште неизграден град во северозападниот дел на земјата. Плановите за стадионот во Неом покажуваат дека тој ќе се наоѓа 350 метри над површината и до него ќе може да се дојде само со брзи лифтови и самовозечки возила.
Стадионот „Кидија“ ќе има брановиден дизајн, а „Мохамед бин Салман“ ќе се наоѓа на врвот на карпа. Осум стадиони ќе бидат во Ријад, од кои најголемиот ќе има 92.760 седишта и тука ќе се играат првиот меч и финалето.
Досега се довршени четири стадиони, осум се испланирани, а три се во изградба и треба да бидат готови до Азискиот куп во 2027.