ШВАЈЦАРИЈА ЈА ДОВРШИ НОВАТА ТРАНСЕВРОПСКА ЖЕЛЕЗНИЧКА ЛИНИЈА, ОТВОРАЈЌИ ГО ПОСЛЕДНИОТ ТУНЕЛ ПОД АЛПИТЕ

Цирих, (Ројтерс)

Швајцарија и официјално го отвори тунелот Ченери, последното делче од директната, рамна железничка линија што ја поврзува северна Европа со Медитеранот преку маршрутите под Алпите.

Тунелот долг 15,4 километри го означува комплетирањето на Новата железничка линија низ Алпите, 22,8 милијарди франци (25,04 милијарди долари) вреден проект, опишан како швајцарски градежен проект на векот. Тој беше одобрен на референдум во 1992 година.

Заедно со 57,1 километар долгиот тунел Готхард, најдолгиот железнички тунел на светот отворен во 2016 година, и со Летшберг (34,6 километри), Ченери го заокружува системот од 1.400 километри кој овозможува непрекинат товарен транспорт од Ротердам до Џенова под планините. Исто така, патувањето со воз од Цирих до Милано ќе се скрати од четири на три часа.

„Ова е последното парче од сложувалката. Со ова ја постигнуваме целта да имаме рамна железничка линија низ Алпите“, изјави извршниот директор на Швајцарските железници, Винсент Дикро.

Тунелот кој се градеше 10 години поминува под планината Ченери и во промет ќе биде пуштен на 13 декември. Тој ќе овозможи уште повеќе товарен сообраќај да се префрли од камиони на железница, со цел да се намалат емисиите на јаглерод диоксид.

Минатата година, 900.000 камиони поминале преку Алпите и целта е нивната годишна бројка да се намали на 650.000.