ТОКИО ИЗГРАДИ САМО ОСУМ НОВИ ОБЈЕКТИ ЗА ОЛИМПИЈАДАТА И ЗА ТОА ИСКОРИСТИ МНОГУ ДРВО

Токио, (Гардијан)

Три дена пред официјалното отворање, денеска почнуваат првите натпревари на Олимписките игри во Токио, во софтбол. Иако домаќините изградија импресивни спортски објекти, ова ќе бидат најтажните ОИ досега, бидејќи трибините главно ќе бидат празни во екот на пандемијата на коронавирусот. Сепак, само осум од 42-та спортски објекти се целосно нови, останатите се обновени стари згради.

ОЛИМПИСКИ СТАДИОН

(Фото: Ројтерс)

Изградбата чинеше 1,4 милијарди долари, при што биле искористени над еден тон дрво, главно кедар, донесен од сите 47 јапонски префектури. Соларните панели на огромниот покрив ќе обезбедуваат електрична енергија, а дождовницата од покривот и тротоарите ќе се собира во подземни резервоари и ќе се користи за наводнување на тревникот. Објектот со 68.000 седишта, дизајниран од Кензо Куга, е изграден на местото каде што се наоѓаше главниот стадион за ОИ во 1964.

ЦЕНТАР ЗА ВОДЕНИ СПОРТОВИ

(Фото: Гети)

Дизајнот на таванот е заснован на традиционалното јапонско оригами, а објектот со 15.000 седишта има подвижни ѕидови и подови, па должината и длабочината можат да се прилагодуваат во двата базена. Температурата на водата се одржува со геотермална пумпа.

ГИМНАСТИЧКИОТ ЦЕНТАР ВО АРИЈАКЕ

(Фото: Гети)

Во објектот вреден 188 милиони долари исто така е искористено многу дрво, со цел да се нагласат традиционалните историски јапонски техники на градење. Организаторите тврдат дека објектот го има еден од најголемите дрвени покриви на светот.

НИПОН БУДОКАН 

(Фото: Гети)

Изграден за натпреварите во џудо за ОИ 1964, овој објект денес е духовен дом на јапонските боречки вештини. Тука ќе се одржуваат и првите олимписки дуели во карате.

ПАРКОТ ЗА УРБАНИ СПОРТОВИ ВО АРИЈАКЕ

(Фото: Гети)

Скејтбордингот ќе го има своето олимписко деби во овој парк, чиј изглед е инспириран од испразнетите базени што пионерите на овој спорт прво ги користеле во Венис Бич, Калифорнија. Во Токио, скејтерите ќе се натпреваруваат во мазен сад во облик на купола со стрмни закривени наклони, што ќе им овозможува да достигнуваат големи височини.