„Поезија во движење низ Битола“ е проектот во чии рамки здружението „Форум 16“ и Студентското собрание на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола поставија поетски творби во сите автобуси од јавниот превоз во општината.

Во автобусите на „Транскоп“, „Гопеш транс“, „Лука превоз“, „Џем турс“ и „Боби турс“ се поставени 15 песни напишани од студенти на Битолскиот универзитет. Целта на овој проект е преку поезијата да се промовира користењето на јавен превоз и да се влијае на подобрувањето на животната средина во Општина Битола.

Во рамките на проектот „Поезија во движење низ Битола“, во мај се одржаа работилници за креативно пишување со поетесата Ана Голејшка-Џикова. Потоа се распиша конкурс на кој студентите можеа да испратат поетски дела. Дел од нив се објавија во автобусите, а сите творби се објавени во електронски Зборник.

„Песните се начин на кој се обидовме да ги мотивираме младите не само да го искажат своето мислење и став за Битола, животната средина, урбаниот простор и за други теми од нивни интерес, туку и да се мотивираат да користат јавен транспорт и така да придонесат за здраво животно окружување“, велат организаторите.

Ж. ЗДРАВКОВСКА