Дубаи и Њујорк се гордеат со своите облакодери, но тие не се стари 300 или 500 години и не се направени од кал како оние во Јемен, денес една од најсиромашните земји на светот. Некои од нив се издигнуваат до 30 метри, што е малку пониско од првите модерни облакодери во Чикаго.
Јемен е преполн со такви високи објекти, ги има и во селата и во градовите, како славниот Шибам, кој своевремено бил наречен Пустински Менхетн. Архитектурата на јеменските облакодери е толку уникатна што Забид, Шибам и Стариот Град во Сана се наоѓаат на листата на светско наследство на УНЕСКО и имаат традиција од 8. или 9. век.
„Нивната точна старост е невозможно да се утврди зашто зградите направени од кал и други органски материјали мора постојано да се обновуваат за да не подлегнат на временските прилики. Средновековните записи велат дека дворецот Гумдам во Сана, наводно изграден во 3. век пред нашата ера, бил висок 20 катови“, вели Тревор Марчанд, професор по антропологија на Лондонската школа по ориентални и африкански студии.
Иако стари стотици години, овие облакодери сè уште се користат. Во Стариот Град во Сана некои се претворени во хотели и кафулиња, но мнозинството и натаму се приватни живеалишта.
„Бидејќи градовите се граделе на мал простор, зградите морале да бидат вертикални. Градовите имале надворешни ѕидини и се водела сметка да не се уништува плодното земјиште, кое било крајно ограничено во пустината“, вели јеменската архитектка Салма Самар Дамлуџи.
Направени од природни материјали, јеменските повеќекатници се извонредно одржливи и совршено прилагодени на жешката и сува арапска клима.
При градењето не се користеле скели, туку градежниците почнувале од камена основа, врз која биле редени тули од кал. Така полека граделе нагоре, засилувајќи ја градбата со дрвени греди. Според Дамлуџи, ваквите градежни вештини денес се пред исчезнување.
„Гледаме во структури кои можат да траат 300 и повеќе години, згради од шест-седум ката изградени од тули од кал на начин што ниеден современ архитект не би можел да гради денес“, вели таа.