Софтверскиот гигант „Атласијан“ објави дека неговото ново седиште во Сиднеј ќе биде највисоката хибридна дрвена зграда на светот.
Висока 180 метри, таа ќе има 40 спратови и ќе биде изградена од дрвена маса, додека фасадата ќе биде направена од стакло и челик. Покривот ќе биде претворен во отворени градини.
Проектирана од њујоршки и австралиски архитекти, зградата целосно ќе оперира на обновлива енергија, благодарение на соларните панели и прозорците кои сами прават сенка.
При изградбата ќе се користи дрвена маса, најновата технологија во одржливата архитектура, при што слоеви меко дрво се притискаат заедно за да се создаде суперсилен материјал. За оваа техника се вели дека е клучна во намалувањето на јаглеродниот отпечаток што го оставаат зградите. Изградбата треба да почне следната година, со цел зградата да биде готова во 2025.
Наредната година, и холандскиот град Ротердам ќе почне да гради 140 метри висока дрвена кула.