БИВШАТА ЈАПОНСКА ПРИНЦЕЗА МАКО ГО ПОЧНА ЖИВОТОТ НА ОБИЧНА ГРАЃАНКА ВО ЊУЈОРК

Њујорк, (Би-Би-Си)

Бившата јапонска принцеза Мако пристигна во САД за да почне нов живот како обична граѓанка откако се омажи за колега од факултет и го напушти царското семејство. Мако и Кеи Комуро се венчаа минатиот месец, дури четири години откако се свршија, и тие без помпа вчера ја напуштија Јапонија, не одговорајќи на прашањата на повеќе од 100 присутни новинари на аеродромот во Токио.

Тие ќе живеат во изнајмен стан во Њујорк, каде што Комуро засега работи како адвокатски службеник, откако неодамна паднал на државниот правосуден испит. Мако го зеде презимето на својот сопруг и исто така планира да работи во градот. Поради преселбата во САД, Мако и Комуро го добија прекарот „јапонските Хари и Меган“.

Според јапонските закони, женски член на царското семејство мора да се откаже од својот статус во случај на венчавка со обичен граѓанин. Триесетгодишната внука на царот Нарухито и Комуро, кои заедно студираа на Меѓународниот христијански универзитет во Токио, се свршија во септември 2017, но венчавката беше стопирана поради финансиски спор на мајката на Комуро. Мако ги прескокна традиционалните обичаи за царска венчавка и се откажа од еднократната исплата од 140 милиони јени (1,23 милион долари), што им се нуди на женските членови за напуштање на семејството.