Во Белград ќе се отвори ресторан од ланецот „Jamie’s Italian“, кој е во сопственост на славниот британски готвач Џејми Оливер. На сајтот на ресторанот, кој ќе биде прв во регионот, стои дека ќе се наоѓа во новата населба Белград на вода.
Во 2017, Оливер затвори шест ресторани од овој ланец во Велика Британија поради поскапувањето на намирниците за италијанските јадења како последица на брегзит. Сепак, тие продолжија да работат во странство, па денес ги има во Ирска, Бразил, Португалија, Унгарија, Кипар, Индија, Катар, Саудиска Арабија…
Џејми Оливер се стекна со светска слава со своите ТВ-емисии од крајот на 1990-ите и почетокот на овој век, подготвувајќи јадења на брз, едноставен и иновативен начин. Има објавено повеќе книги за готвење и поседува неколку ланци на ресторани низ светот.
(Фото: Фејсбук)