УБАВА ВИ Е ПРИРОДАТА, НО МНОГУ ЈА ВАЛКАТЕ, ВЕЛИ АЛЕСИО ЛИКУОРИ, АВТОР НА ИТАЛИЈАНСКИ ВОДИЧ ЗА МАКЕДОНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Алесио Ликуори е страсен љубител на македонските планини. Во Македонија се заљубил за време на неговата четиригодишна дипломатска служба во италијанската амбасада. Неговиот водич „Северна Македонија: природа, планинарство и култура“ беше промовиран во вторникот во Европската куќа во Скопје.

„Го напишав водичот за да ги запознаам туристите, особено европските, за можностите што оваа држава ги има за планинарење, трекинг и искачување“, кажа Ликуори на промоцијата.

За САКАМДАКАЖАМ.МК тој рече:

„Имајќи ја пројдено горе-долу целата држава во тие четири години, дознав дека не постои детален водич за Македонија, па го напишав“.

Водичот го напишал и издал со помош од неговиот пријател, воедно и уредник во издавачката куќа „Гран Сасо“, Алберто Ости, со кој заедно повеќепати ги истражувале македонските планини.

Водичот кој Алесио го напишал откако четири години бил на дипломатска служба, но забележал дека нема слично нешто за планинарскиот туризам.

Како проблем за македонската туристичка индустрија тој го истакнува недостатокот на грижа за природата.

„Потенцијалите ги има, природата е многу убава, но има голема потреба од повеќе грижа за средината. За пример можам да ги земам проблемите со фрлањето и собирањето на отпадот или загаденоста на водите“, вели Ликуори.

На промоцијата беа присутни и издавачот Алберто Ости, италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри и евроамбасадорот Дејвид Гир.

Н. МИХАЈЛОВСКИ