АРХИТЕКТИ ОД ЊУЈОРК ПРЕДЛАГААТ ТЕАТАРСКИ ПРЕТСТАВИ ДА СЕ ОДРЖУВААТ ВО КОНТЕЈНЕРИ

Њујорк, (Дезин)

Архитектонската фирма „Марвел“ од Њујорк претстави концепт за одржување театарски претстави на отворено со користење на големи транспортни контејнери, што би овозможило да се организираат културни настани за време на пандемијата.

Во концептот на „Марвел“, контејнерите се трансформираат во сцени на два спрата. Долниот дел е во вид на премин, со висина од 3.6 метри.

Во вечерните часови, улицата може да се затвори за сообраќај, за да може публиката да седи и гледа претстава. Преку ден, возилата и велосипедистите непречено би поминувале низ преминот.

Најпознатиот театарски дел во Њујорк, Бродвеј, е затворен од 12 март 2020 и се очекува така да остане до јуни. Ако градските власти покажат интерес, „Марвел“ вели дека за брзо време ќе може да го тестира проектот токму во Бродвеј.