„АВИЈАР Р67“ Е МОЌНА РУСКА КОПИЈА НА „ФОРД МУСТАНГ“

Москва, (ДПА)

Релативно непознатата руска автокомпанија „Авијар“ создаде електрична копија на легендарното спортско купе „форд мустанг“. Се верува дека неговото име „Р67“ е посвета на моделот на овој автомобил од 1967 година.

Освен што го презеде неговиот згоден изглед, „Р67“ може да се пофали и со импресивни перформанси, благодарение на електричниот мотор што може да развие 850 коњски сили. Од компанијата велат дека тој забрзува до 100 километри на час за само 2,2 секунди, а максималната брзина му е ограничена на 250 км/час. Со едно полнење на батериите, тој можел да помине околу 500 километри.

Поради електричниот мотор, „Р67“ работи тивко, што би можело да биде мало разочарување за фановите на „мустанг“.

Од „Авијар“ засега не кажуваат кога „Р67“ би можел да се појави во продажба и по која цена.