Кинеската компанија „Шаоми“ претстави смартфон што се трансформира во таблет кога ќе се преклопат двата дела од неговиот екран. Иако засега само прототип, од „Шаоми“ ветуваат дека уредот ќе се произведува и ја замолија јавноста да ѝ помогнат да го именува.

„Самсунг“ и стартап компанијата „Ројол“ претходно промовираа телефони со флексибилен екран, но тие се преклопуваа само на една страна.

Еволуцијата на изгледот на мобилните телефони (Фото: Би-Би-Си)

Компанијата потврди дека видеото објавено на „Веибо“, во кое се појавува коосновачот Бин Лин, е автентично.

„Во овој момент, не сакаме ништо да додадеме“, соопштија од „Шаоми“.

Со екрани на преклопување, производителите на смартфони се обидуваат да им дадат нов изглед на своите производи, откако тие задржаа иста форма повеќе од десет години. Но, се очекува иновацијата да биде многу скапа, барем во прв период откако ќе се најде во продажба.