„ЕКСПО 30“ ЌЕ СПОИ МОДА, МУЗИКА И КОМПАНИИ ПО ПОВОД 30 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Домашни модни дизајнери и студенти ќе се претстават на „Експо 30“, што во организација на „Ботега евенти“ ќе се одржи на 16 и 17 септември во Музејот на современа уметност во Скопје. Притоа премиерно ќе се прикаже документарен филм за македонската мода во изминатите 30 години.

На 16 септември ќе се одржат модните ревии на Никола Ефтимов, „Лудус“, Росица Мршиќ, Евгенија Зафировска и на Нела Тодоровска („Маригуча“), а следниот ден ќе се претстават Лидија Георгиева, Силвија Михајловска („Алшар“), Митко Занов, Јована Филиповиќ и Тања Кокев. Посебна ревија ќе ги обедини студентите по моден дизајн од три факултети: Институт за дизајн и инженеринг на облека од Технолошко-металуршки факултет при УКИМ, Факултет за арт и дизајн при Европски универзитет и Факултет за текстил, дизајн и моделирање при Универзитет Мајка Тереза.

Ревиите ќе бидат проследени со настапи на диџеи, а во Експо зоната ќе изложуваат десет македонски компании кои ќе ја пренесат својата приказна за своето делување во 30 години независност.