ЗВЕЗДАНА АНГЕЛОВСКА ВТОРПАТ ПРОГЛАСЕНА ЗА НАЈДОБРА АКТЕРКА НА ФЕСТИВАЛОТ „РИСТО ШИШКОВ“

Струмица, (СМАРТ СДК.МК)

Звездана Ангеловска ја понесе наградата за најдобро актерско остварување на 29. издание на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица. Наградата ја доби за улогата на Таа во претставата на МНТ, „Само глас“, во режија на Марјан Неќак. Ангеловска е единствената актерка во речиси 30-годишното постоење на фестивалот која вторпат ја добива наградата „Ристо Шишков“.

„Звездана Ангеловска својот лик го надградува со користење на музички средства и во секој миг беше посветена и уверлива во својата креација. Трансформациите на ликот го покажаа нејзиниот актерски дијапазон со океанска длабочина и небесна широчина. Таа манифестираше модерен актерски израз во контекст на актуелниот глобален општествен миг“, кажа претседателката на жирито Александра Пешевска.

Ангеловска, која не беше присутна на затворањето на фестивалот, ни изјави дека не очекувала повторно да се закити со „Ристо Шишков“.

„Наградите секако се драги, но со оглед дека пред 18 години бев носител на истата, навистина не очекував сега. Успеав да направам одлични трансформации на ликот и да создадам флуид со публиката, односно да го пренесам ликот на Таа кај гледачите“, изјави Ангеловска, која ќе добие златен медаљон со ликот на Шишков и 1.500 евра.

Годинава на фестивалот се одиграа девет претстави од Македонија, Србија, Хрватска и Бугарија, а за наградата конкурираа 30-ина актери.

В. ТРАЈКОВ