ФИЛИПИНСКИ УМЕТНИК СОЗДАВА ГОЛЕМИ ПРИВРЕМЕНИ ЦРТЕЖИ НА ПЛАЖИТЕ НА ДУБАИ

Дубаи, (Си-Ен-Ен)

Филипинскиот уметник Натаниел Алапиде ги користи 72 километри долгото крајбрежје на Дубаи и големите арапски пустини како свое платно за сликање. Работејќи само со обично градинарско гребло, 45-годишниот Алапиде секое утро прави огромни калиграфски потези на песокот и така создава огромни и сложени дизајни, кои набргу ќе бидат избришани од ветер или бранови.

„Го замислувам греблото како четка“, вели Алапиде.


Неговите дела имаат просечна големина од 20 квадратни метри.

„Понекогаш ја завршувам сликата за еден час, а понекогаш работам со часови секој ден за да го завршам делото. Ако вклучам пишана порака, делото може да биде долго и 100 метри“.

Тој почнал со својата песочна уметност во 2014, кога нацртал дрво на плажа во Дубаи во чест на својата покојна баба. Оттогаш ги декорирал плажите на Обединетите Арапски Емирати со повеќе од 1.900 цртежи, при што добил нарачки од компании како „Адидас“ и „Барбери“.

Натаниел Алапиде користи обично гребло како четка

Во 2022 постави Гинисов рекорд за најголема песочна слика на светот. Голема повеќе од 23.000 квадратни метри, на Алапиде му требале 30 дена да ја заврши и 12.000 тони песок во четири бои.

„Привремената природа на моите дела ме потсетува дека сè е во постојана промена. Во песочната уметност луѓето гледаат и убавина и загуба“, вели Алапиде.