„ФОЛКСВАГЕН“ ГО ПРЕТСТАВИ „ГОЛФ 8“, ВО ПОНУДА ЌЕ БИДАТ ПЕТ ХИБРИДНИ ВЕРЗИИ

Волфзбург, (Мотор1)

По неколку месеци навестувања, „Фолксваген“ конечно ја претстави осмата генерација на својот најпопуларен модел „голф“. Иако надворешно тој не отстапува многу од својот основен дизајн, овојпат е важно она што се наоѓа внатре.

Тој ќе биде достапен во пет хибридни варијанти, од кои најинтересна е онаа со бензинец со 241 коњска сила и со електричен домет од 60 километри. Останатите верзии се движат од 201 до 109 коњски сили. За оние кои сакаат класика, „голф 8“ ќе има и две бензински и две дизел верзии.

Екраните во кабината сега се комплетно дигитализирани: инструменталната табла има 10,25, а информативно-забавниот систем 8,25 инчи. За првпат, купувачите сами ќе можат да додадат гаџети откако ќе го купат автомобилот.

„Осумката“ ќе се појави на германскиот и на австрискиот пазар во декември, а потоа ќе почне да се продава низ цела Европа. „Фолксваген“ сѐ уште се мисли дали да ја продава во САД. Германски медиуми објавија дека почетната цена ќе биде околу 18.500 евра.