Руската компанија „Калашников“ создаде електричен автомобил со ретро изглед, за кој вели дека ќе му биде голема конкуренција на „тесла“ на Илон Маск.
Фирмата која стои зад познатата автоматска пушка АК-47 го претстави прототипот на своето возило на настан во близина на Москва. ЦВ-1, инспириран од советски хечбек од 70-ите години, притоа беше опишан како „револуционерен суперавтомобил“.
„ЦВ-1 содржи низа сложени системи и технологија, што ни овозможува да застанеме рамо до рамо со водечките светски автопроизводители, како ‘Тесла‘. Кога ќе биде целосно развиен, тој ќе биде неколку пати побрз од сегашните електрични автомобили и со едно полнење ќе може да помине 350 километри“, стои во соопштението на компанијата, не додавајќи која би била неговата цена.
Последниве години, „Калашников“ го прошири својот бренд во нови насоки, лансирајќи дури и линија на облека, но и секојдневни производи, како чадори и маски за мобилни телефони.
Оваа недела, „Калашников“ го претстави и роботот Игорек, висок четири метри и тежок 4,5 тони, кој беше исмеан поради својот старомоден изглед, во времето кога роботите стануваат сѐ помали и помали.