Со своите чудесен изглед на јајце и минималистичка внатрешност, „исета“ беше симбол на евтино и радосно возење по европските патишта во 50-ите и 60-ите години од минатиот век.

Сега, двајца браќа од Швајцарија развија нова верзија на овој симпатичен двосед, 56 години откако БМВ го прекина неговото производство по продадени 160.000 примероци.

Оливер и Мерлин Оуботер веќе имаат повеќе од 7.200 нарачки за својот „микролино“, модерната верзија на „исета“, во која некогашниот едноцилиндричен бензинец е заменет со електричен мотор од 20 коњски сили, но ја задржаа култната предна врата. Тие планираат да го пуштат во продажба во декември.

„Микролино“ е проект на швајцарските браќа Оливер и Мерлин Оуботер (Фото: Ројтерс)

„Просечен модерен автомобил е преголем за нормална употреба. Статистиките покажуваат дека едно просечно возење вклучува 1,2 патници, кои поминуваат помалку од 35 километри“, вели 24-годишниот Оливер Оуботер.

За првпат претставен на саемот во Женева во 2016 година, 2,4 метри долгиот „микролино“ ќе го прави италијанската компанија „Тацари“ и планот е да се произведуваат 5.000 примероци годишно.

„Исфрливме многу непотребни инструменти. Модерните возила имаат премногу копчиња и, искрено, повеќето не знам за што служат“, додаде Оливер.