КУЛТНИОТ СТРИП „АЛАН ФОРД“ ЌЕ ПРЕСТАНЕ ДА ИЗЛЕГУВА ДОГОДИНА ПО 660 ИЗДАДЕНИ БРОЈА

Италија, (ТГР)

Легендарниот стрип „Алан Форд“, кој беше особено популарен на просторите на поранешна Југославија, се подготвува за своето збогување. Еден од најдолговечните италијански стрипови ќе престане да излегува следната година со бројот 660, објави неговиот креатор и автор Лучано Секи, попознат како Макс Бункер.

„Сега развивам нов лик кој ќе го замени ‘Алан Форд‘ по последните десет броја. Завршуваме со изданието број 660“, изјави Секи за телевизијата „ТГР Ломбардија“.

Секи го создаде „Алан Форд“ на крајот на 1960-ите заедно со цртачот Роберто Равиола (Магнус), кој работеше на првите 75 броја. Од 1986 година наваму, главен соработник на Секи е Дарио Перуча.

Комбинирајќи општествена сатира, акција, гротеска и шпионски приказни, „Алан Форд“ создаде серија култни ликови кои станаа дел од поп-културата во Југославија, каде што остана најпопуларен надвор од Италија. Стрипот никогаш не бил преведен на англиски јазик, па не успеа да се стекне со поширок успех.

„Многу е ретко странски културен производ да стане неразделен дел од културното наследство на друга земја“, вели Лазар Џамиќ, кој напиша книга за успехот на „Алан Форд“ во Југославија.

Осумдесет и четиригодишниот Секи вели дека стрипот и натаму има доста претплатници во Италија, па не го згаснуваат зашто се во криза.

„Ги имам напишано сите броеви од прв до последен, па не сакам да го предадам на некој друг. Сепак, не планирам да се пензионирам и веќе работам на нов стрип, чиј главен лик ќе се вика Петра“, најави тој.

(Фото: ИПА)