НАЈАВЕНО ВРАЌАЊЕТО НА „РЕНО 4“, НО ВО ЕЛЕКТРИЧНО ИЗДАНИЕ

Париз, (Мотор1)

Електрична верзија на легендарниот модел „рено 4“ е дел од новиот стратегиски план на француската компанија наречен „Ренолуција“, што беше објавен вчера. Тој предвидува и обновување на „рено 5“, кој важи за претходник на „клио“, исто така во електрично издание.

„Р4“ треба да биде модерно продолжение на моделот што за 30 години, почнувајќи од 1961, се продаде во повеќе од осум милиони примероци. Тој ќе има димензии на компактен автомобил со пет врати и се очекува да задржи дел од ретро имиџот. Засега не се познати неговите технички карактеристики.

Електричен „рено 4“ би требало да се појави во 2025 година и да чини околу 20.000 евра.