НОВИОТ „ФОРД МУСТАНГ“ Е ТОЛКУ МОЌЕН ШТО Е ИЛЕГАЛЕН ВО ЈАПОНИЈА

Детроит, (АП)

„Форд“ го искористи Автосаемот во Детроит за да го претстави својот најмоќен автомобил кој има дозвола за градско возење, новиот „шелби мустанг ГТ500“. Од друга страна, тој е толку моќен, што е илегален во Јапонија.

Овој модел доаѓа со 5,2-литарски В8 мотор, кој развива повеќе од 700 коњски сили, при што до 100 километри на час забрзува за помалку од три секунди.

Дело на легендарниот дизајнер Керол Шелби, првиот „шелби ГТ500“ се појави во 1967 година и „Форд“ во наредните децении само продолжи да го засилува, за да се стигне до сегашните 707 коњски сили.

„Керол секогаш работел на следниот помоќен и побрз ‘шелби‘. Мислам дека ќе го сакаше овој ‘мустанг‘ повеќе од кој било. Новиот ‘шелби ГТ500‘ ќе ги изненади љубителите на суперавтомобили со своите тркачка технологија и супернабиен мотор“, изјави претседателот на „Форд“, Бил Форд.