ОБЛЕКА ОД АЛГИ КОЈА ГО ПРОЧИСТУВА ВОЗДУХОТ ПРЕКУ ФОТОСИНТЕЗА

Торонто, (Дезин)

Канадско-иранската дизајнерка Роја Агиги создаде облека од алги кои претвораат јаглероден диоксид во кислород преку процесот на фотосинтеза. Колекцијата наречена „Биооблека“ докажува дека може да се направи материјал од живи, фотосинтетички организми.

За да го добие овој материјал, Агиги користела тип на зелени едноклеточни алги кои ги мешала заедно со нанополимери.

„Резултатот е ткаенина која наликува на лен и тоа е прв жив, фотосинтетички материјал“, вели Агиги.

Биооблеката се активира кога ќе се изложи на сончевата светлина. Место да ја пере, сопственикот само ќе треба да ја испрска со вода еднаш неделно.

„Носејќи вака жив материјал, сопственикот ќе може да развие емотивна привраност со својата облека. Животниот век на ваква облека директно зависи од начинот на кој се грижиме за неа“, вели Агиги.

Претворајќи јаглероден диоксид во кислород, облеката ја подобрува и средината во која што се наоѓа нејзиниот сопственик. Кога ќе престане да се носи, таа може едноставно да се разложи.