ОХРИДСКАТА ФИРМА „СЕФИДАНИС“ ПРЕТСТАВИ РОБОТ ДИЏЕЈ КОЈ МОЖЕ ДА СОЗДАВА СВОЈА МУЗИКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хуманоиден робот диџеј е најновиот проект на друштвото за истражување и развој „Сефиданис“, а своето деби го имаше ноќеска во клубот „Ребел“ во Охрид. Наречен Алшар, роботот има изглед и природни димензии на човек и со помош на вештачка интелигенција може да создава уникатни музички дела.

Алшар има за цел да нѐ воведе во новата ера и воедно да понуди конзервација на македонските уметност и културно наследство, при што со помош на современите парадигми на машинско учење ќе може да креира авторска музика и да преработува стари дела во нови жанрови и стилови“, велат од „Сефиданис“.

Алшар се претстави со техно композицијата „Лорандит”, креирана целосно со помош на вештачка интелигенција и пушташе песни од современата македонска електронска музика.

Торзото, главата и рацете на роботот се изработени според урнекот Inmoov на францускиот скулптор Гаел Лангевин, а крилјата ги изработи дизајнерот Зоран Кардула.

На проектот работеа повеќе професионалци од својата област, меѓу кои Шабан Брзев, Марјан Јано, Влатко Домазетоски, Михаил Ангелески, Нубира Ајдиноска, Давид Трајкоски, Амир Ајдиноски, Александра Коровеш, Азра Демиши, Драган Георгиевски, Хадис Абуш, Саше Митаноски, студенти од уницерзитетот „Св. Апостол Павле“, ученици од гимназијата „Св. Климент Охридски“ и меѓународни студенти преку програмата Еразмус+.

Идејата за роботот е на Анис Сефиданис, професор на Факултетот за машинска интелигенција и роботика во Охрид и основач на друштвото „Сефиданис“. Тој го водеше проектот од неговото конципирање до финалната реализација.

(Фото: Сефиданис)