„ПАСАТ“ ОБНОВЕН ЌЕ ГО ДОЧЕКА РЕКОРДОТ ОД 30 МИЛИОНИ ПРОДАДЕНИ ПРИМЕРОЦИ

Минхен, (Мотор1)

„Фолксваген“ ги демантираше германските медиуми дека ќе престане да го произведува „пасат“ и место тоа, малку ја обнови неговата осма генерација за да го претстави на Автосаемот во Женева во март. Во ист период од годината, компанијата очекува да ја достигне бројката од 30 милиони продадени примероци на „пасат“, како прв модел од средна класа на кој му успеало тоа.

„Имам разочарувачки вести за медиумите во врска со ‘пасат‘ и ќе бидам многу директен. Нема да го запреме производството на ‘пасат‘“, изјави портпаролот на „Фолксваген“.

Надворешниот дизајн на автомобилот не претрпи измени, но е унапреден во технолошка смисла. Благодарение на новиот систем IQ drive, тој ќе може да вози делумно автономно при брзини до 210 километри на час, а тука е и иновативниот волан кој го регистрира допирот на возачот и гарантира дека е присутен и буден. Друг новитет е Emergency steering assist, кој ја зголемува безбедноста при сопирање или избегнување пречки.