„Пежо 508“ се закити со титулата најубав автомобил за 2018 година на 34. Меѓународен автомобилски фестивал во Париз. Седанот ги наследува моделите „алпин А110“, „алфа ромео џулија“ и „рено талисман“, кои победуваа во изминатите три години.
Во комбинација со интернет-гласовите, жирито на чело со архитектот Жан-Мишел Вилмот му додели 34,23% гласови на новитетот на „Пежо“, со што се пласираше пред „мерцедес-бенц А-класа“ (27,78%) и „рејнџ ровер евок“ (18,68%). Последниот беше прогласен за автомобил со најубава внатрешност.
Во категоријата суперавтомобил славеше „ферари монца СП2“, а „Пежо“ освои уште награда, за најубав концептен автомобил за „е-леџенд“.
„Пежо 508“ ја имаше својата светска премиера на минатогодишниот Автосаем во Париз и неговата основна верзија чини 32.300 евра.