ВО ПРОДАЖБА ДОЈДЕ „ВЕСТА СПОРТ“, НАЈСКАПИОТ МОДЕЛ ВО ИСТОРИЈАТА НА „ЛАДА“

Москва, (Мотор1)

„Лада веста“ минатата година беше еден од најпродаваните автомобили во Русија, а сега во продажба дојде и неговата потркачка верзија „спорт“. Со цената од еден милион рубли (15.400 долари), тоа е најскапиот модел во историјата на руската автокомпанија. За тие пари, купувачите добиваат засилен мотор, агресивен аеродинамичен изглед, подобрени сопирачки, 17-инчни тркала и спортска суспензија.

„Лада веста спорт“ доаѓа со 1,8-литарски бензинец со 145 коњски сили, па до 100 километри на час забрзува за 9,6 секунди, а максимално може да развие 193 км/час.

„АвтоВаз“, компанијата од Толјати која ја произведува „лада“, вели дека „веста спорт“ има 200 нови делови и е автомобил опремен со вистинска тркачка технологија, која беше тестирана во Светското првенство на туринг автомобили.

„Го креиравме овој модел за да биде најквалитетен автомобил на брендот ‘Лада‘. Тој ги комбинира најдобрите технологии и во исто време е удобен и безбеден“, се вели во соопштението на „АвтоВаз“.