ДОТЕРАНИ БИТОЛЧАНКИ НА ШТИКЛИ ВОЗЕА ТОЧАЦИ НИЗ ШИРОК СОКАК

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Битолчанки во фустани, некои со високи потпетици, а битолчани со шапки и вратоврски возеа точак низ Битола. Попладнево, тие беа дел од 51. по ред настан „Критична маса – дотерани на точак“, чиј повик беше „Да возиме како прави дами и господа“. Турата започна од плоштадот Магнолија и траеше до Бар чаршија.

Целта беше да се упати порака против сите стереотипи кои се поврзани со возењето точак: дека тој е само за луѓето од пониските социјални слоеви, дека се вози облечен по тренерки, дека луѓето не ги личи да се дотераат и да си одат на работа на точак секојдневно, дека не е кул да се оди на училиште на точак во најновите алишта, дека не може да се вози со фустан и со штикли.

Според истражувањата, само 20 проценти од битолчани одат дотерани на велосипед на работа (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Граѓаните да не гледаат на точакот само како на средство за рекреација, на возење по тренерки надвор од град и во природа, туку да се користи активно, како најбрзото средство за превоз, за одење на работа, училиште и на факултет“, рече Виктор Илиев од граѓанската иницијатива „Битола на точак“.

Кон локалните институции беше упатена пораката да престанат велосипедот да го третираат само како средство за рекреација и да ги тераат граѓаните да возат надвор од градот, туку да го сметаат за средство за алтернативен транспорт, кој може доста да придонесе, заедно со јавниот превоз, во намалувањето на сообраќајниот метеж.

Според истражувањата, само 20 проценти од битолчани одат дотерани на велосипед на работа. Од политичарите, раководителите, директорите и советниците, беше кажано дека само неколкумина советници одат до Советот на велосипед.

„Возењето велосипед не е на потребното ниво, затоа што и безбедноста е доста лоша. Многу мајки не ги пуштаат децата на училиште со велосипед, има и возрасни кои се плашат да возат покрај толку голем моторизиран сообраќај“, рече Илиев.

Битола нема велосипедски патеки, освен двата обида од пред неколку години да се постави патека на шеталиштето и кај Техничкиот факултет, па велосипедистите очекуваат да биде понуден комплетен проект за велоинфраструктура, која ќе нуди безбедност при возењето.

Ж. ЗДРАВКОВСКА