ЕГИПЕТ ПОДГОТВИ ПЛАН ЗА ОБНОВА НА ИСТОРИСКИОТ ДЕЛ НА КАИРО, КОЈ ЗАБРЗАНО ПРОПАЃА

Каиро, (Ројтерс)

Египет подготвува нов проект за реставрација на историскиот дел на Каиро, илјадагодишно светско наследство кое пропаѓа, дом на многу приказни од „Илјада и една ноќ“.

Целта на планот е да се ревитализира и промовира Каиро како туристичка атракција, додека владата се подготвува да се пресели во новиот, футуристички главен град во пустината. Тоа им дава нов поттик на архитектите и реставраторите да ги зачуваат старите згради за кои се плашеа дека се изгубени поради бирократија, корупција и правни ограничувања.

„За првпат, буџетот не е проблем. Од владата ни кажаа дека ќе одобрат секаков буџет за обнова на старото Каиро. Владата има намера да реновира околу 10% од областа во почетната двегодишна фаза и ги проучува предлозите за создавање единствен ентитет за историското Каиро од околу 30 квадратни километри“, рече главниот координатор на проектот, Мохамед Елкатиб.

Голем дел од почетните работи ќе се фокусираат на областите околу трите големи порти изградени од туниската династија Фатимид, која владеела со Каиро два века, до 969 година.

Покрај обновата на зградите, се планира голем дел од историското Каиро да стане пешачка зона.