Слики од конзерви супа и усните на Мерилин Монро се дел од новата изложба за Енди Ворхол во лондонскиот музеј за модерна уметност Тејт, заедно со неколку перики од славниот уметник.

Изложбата содржи над 100 дела од иконата на поп-артот, меѓу кои дизајни на шишиња „кока-кола“, славните конзерви „Кембел“ и портрети на ѕвезди како Доли Партон, Деби Хари и Монро, чија уста е во фокусот на линијата насловена „Усните на Мерилин“. Изложени се и не толку познати дела како „Дами и господа“, серија слики на трансродови њујоршки изведувачи од 1970-ите.

Фото: АП

Во поставката има и три од славните сребрени перики на Ворхол, кој имал колекција од над 100 парчиња. Тој почина на 58 години во 1987.

Фото: АП

Музејот Тејт соопшти дека целта на изложбата е да ја прикаже човечката страна на Ворхол, еден од најпознатите уметници на 20. век.

„Изложбата ги прикажува неговите интимни верувања и го претставува како срамежлив хомосексуалец кој потекнувал од религиозно, мигрантско и сиромашно семејство“, изјави директорот на Тејт, Френсис Морис.

Музеите во Велика Британија решија да останат отворени иако низ Европа масовно се затвораат културни институции поради кризата со коронавирусот.