ГИ ПОДДРЖУВАМЕ ПРАВАТА НА ТЕКСТИЛНИТЕ РАБОТНИЧКИ, РЕЧЕ ЕЛИЗАБЕТ ДАЛБЕРГ ФРИСК ОД ШВЕДСКАТА АМБАСАДА НА СТАРТОТ НА МОДНИОТ ВИКЕНД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со две интересни изложби, шведска и британска сношти (25 октомври) во креативниот центар „Лабораториум“ започна традиционалниот Моден викенд Скопје. Амбасадата на Шведска ја прикажа изложбата „Модата засекогаш“ (Fashion.Forever). Изработена од Шведскиот институт, преработена облека, дизајнирана и произведена од текстилни средни училишта во Македонија, потоа ќе ја носи амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џеин.

Облеката на изложбата ја направија ученици од средни текстилни училишта (Фото: К. Попов)

„Изложбата го истакнува шведското искуство во поттикнување на иновациите. Ние се движиме надвор од брзата мода кон нешто што трае, вечната мода. Шведската амбасада ги поддржува македонските работници од текстилната индустрија и младинските организации за работничките права. Ние како потрошувачи треба да преминеме од опсесија со облеката на денот, кон опсесија со облека што ќе трае цел живот. Денес носам преработен ланче од стари пресечени маици, винтиџ здолниште купено на пазар и блуза што ја наследив од пријател. Растејќи во Шведска, поминав многу вечери придружувајќи ја баба ми на шведски шивачки круг каде, традиционално, главно жени се собираат за да шијат, поправаат и споделуваат вештини“, рече Елизабет Далберг Фриск, заменик-шеф на мисијата во Шведската амбасада.

Фото: К. Попов

Во изработката на облеката учествуаа ученици од училиштата: „Димитар Мирасчиев“ од Штип, „Таки Даскало“ од Битола, и „Нико Нестор“ од Струга.

Британската изложба „Масакас“, покажа дела на модниот бренд „Ворм метал“ на македонската дизајнерка Теодора Митровска, која живее и работи во Лондон и на младиот британски уметник Хуго Виндер-Линд (Фото: К. Попов)

На изложбата „Масакас“, поддржана од Британскиот совет се прикажаа дела на модниот бренд „Ворм метал“ на македонската дизајнерка Теодора Митровска, која живее и работи во Лондон и на младиот британски уметник Хуго Виндер-Линд. Дизајнерите, изложбата ја опишаа визуелно патување кое ги истражува тенките граници помеѓу културите и идентитетите. Ќе биде отворена и на 26 и 27 октомври.

М. ЏАРОВСКА

Фото: К. Попов