Ана Петановска ја освои наградата за најдобар дует на фестивалот Бисер на Јадранот 2026 во Тиват, заедно со српската пејачка Наташа Михајловиќ, поранешна членка на дуото „Фрајле“.
Тие ја промовираа песната „Под нозете“, (Под ногама) која ја напишаа Григор Копров (музика), Душан Бачиќ (текст) и Стефан Петановски (аранжман).
По наградата, Петановска им се заблагодари на соработниците.
„Заедно со мојата Наташа, која за многу кратко време ми стана навистина блиска во душата, имавме чест да ја примиме наградата за најдобар дует. ‘Под нозете’ има едноставна мелодија, но носи силна порака за сите неправди, разочарувања и падови кои можат да се надминат со љубов, надеж и силна волја“, вели поп-пејачката.
Таа им се заблагодари и на соработниците Дејан Апостоловски и Стефан Петановски, за кои вели дека се нејзина голема поддршка во професионалниот и во приватниот живот.
По успехот во Тиват, Петановска и Михајловиќ ќе ја испеат истата песна на Интернационалната вечер на 33. издание на фестивалот Охрид Фест-Охридски трубадури, која ќе се одржи на 27 август на сцената „Долни сарај“.