Ликот Хелоу Кити (Hello Kitty) слави 50 години, а нејзините креатори сега открија дека еден од најпопуларните ликови во поп-културата не е маче, туку девојче. Овој бренд лани заработил пет милијарди долари низ светот.
„Таа е всушност мало девојче, родена и порасната во предградијата на Лондон. Има мајка, татко и сестра близначка Мими. Сака да прави колачи и да запознава нови другарчиња“, изјави Џил Кук, директорка во јапонската компанија „Санрио“, која го создаде ликот.
И покрај тоа што е дете, Хелоу Кити има мустаќи, но и своја мачка, момче Даниел и стотици пријатели.
„Нејзината основна порака е пријателство, љубезност и инклузивност и она што ѝ помогна да ги надмине границите, јазиците и културите е дека тоа е разбирливо за секого“, рече Кук.
Хелоу Кити е создадена во 1974 и првпат се појавила на детска чанта во Јапонија. Оттогаш е еден од најпрепознатливите ликови во поп-културата, со играчки, анимирани емисии, тематски парк и облека кои придонесуваат за нејзиниот успех. Во 2019 беше најавен долгометражен лајв-екшн филм со Хелоу Кити.
(Фото: Санрио)