ЈАПОНСКАТА ЖЕЛЕЗНИЦА ЌЕ ВОВЕДЕ ПРИВАТНИ СОБИ СО ИНТЕРНЕТ ВО БРЗИ ВОЗОВИ ВО 2026

Јапонија, (Си-Ен-Ен)

Омилените јапонски возови „Шинкансен“ добиваат уште една надградба. Од 2026, некои возови на линијата Токаидо, која ги поврзува Токио, Нагоја и Осака, ќе имаат приватни соби со врати во делот на високата класа.

Според соопштението на Јапонската железница, собите се додаваат со цел да се задоволат потребите на клиентите поради промените во животниот и работниот стил. Во вакви соби деловни луѓе ќе можат да одржуваат состаноци преку интернет и да се патува многу поприватно и порелаксирано. Освен приватен простор, овие соби ќе имаат и интернет, клима уред, седишта за навалување и прилагодливо осветлување.

Ќе има две соби по воз кога ќе се појават новите модели.

Токаидо беше првата брза железничка линија во Јапонија, а беше пуштена во 1964 година. До денес, таа е најактивно користената линија во земјата. Овие возови можат да достигнат брзина од 285 километри на час.