ОВА ДОСЕГА НЕ СУМ ГО ВИДЕЛ, ИМ РЕЧЕ ЈАКОВ ЈОЗИНОВИЌ НА РАСПЛАКАНИТЕ ТИНЕЈЏЕРКИ ВО ПРЕПОЛНИОТ АНТИЧКИ ТЕАТАР ВО ОХРИД

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Хрватскиот поп-пејач Јаков Јозиновиќ го преполни Античкиот театар вчера (3 август) на неговиот прв концерт во Охрид. Полни беа локалите над Антички, а луѓе имаше насекаде околу театарот.

„Ова досега не сум го видел“, ѝ рече Јозиновиќ на публиката, која го пречека со вресоци.

Публиката ги запали телефоните на бачадата „Рај“ (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Ова е втор концерт на најголемата млада регионална поп-ѕвезда во Македонија. Во април, тој имаше концерт во Скопје и потоа вети дека до концертот во Охрид ќе му излезе првиот албум. Претходно, тој имаше само две авторски песни, но полнеше сали со хитови на Здравко Чолиќ, Оливер Драгојевиќ, Ѓорѓе Балашевиќ, „САРС“, Дино Мерлин и други ѕвезди од регионот. Песната „Боже, чувај ја од зло“ од Тоше Проески пред скопскиот концерт ја научил за два часа, а во Охрид ја испеа на македонски јазик.

Фото: СМАРТ СДК.МК

Новите песни на Јозиновиќ излегоа во јуни, а публиката веќе сите ги знае напамет и ги пееше со него од почеток до крај. Момчето кое почна со снимка од сплитската рива како го пее хитот на Оливер Драгојевиќ „Писмо моја“ за кусо време го освои регионот. Една расплакана тинејџерка се качи на сцената на Антички и му кажа дека плаче затоа што го сака.

„Во Македонија сум бил само 4-5 пати. Вашата земја е толку далеку од мојата, а ве чувствувам како многу блиски. Вие сте дефинитивно најгласната публика досега. Се мислам, кога би бил од Македонија, од кој град би бил? Скопје, Охрид или Битола“, рече Јозиновиќ, а публиката врескаше на името на секој од градовите.

Уште една тинејџерка успеа да се качи на сцената и танцуваше со него пред да ја испее новата популарна балада „Рај“.

Фото: СМАРТ СДК.МК

Веселата атмосфера и еуфоријата ги надополнија и сценските ефекти, балоните и конфетите. Ова беше еден од најпосетените концерти во Античкиот театар во последните години, а најполн оваа година досега. Јозиновиќ, кој во септември ќе наполни 21 година, едвај успеа да излезе од сцената поради обожавателките кои сакаа да се сликаат со него. Концертот го организираше продукцијата „Евентум“.

М. ЏАРОВСКА