ЛЕДИ ГАГА И „АМАЗОН“ СЕ ЗДРУЖИЈА ВО БИЗНИСОТ СО КОЗМЕТИКА

Лос Анџелес, (Ројтерс)

Поп ѕвездата Леди Гага ја најави нејзината линија производи за убавина, која ексклузивно ќе се продава преку „Амазон“.

Брендот „Haus Laboratories“ ќе се продава од септември во повеќе земји, како САД, Германија и Јапонија, соопшти „Амазон“. Со овој потег, најголемиот светски онлајн продавач ќе се обиде да им конкурира на традиционалните компании за козметика, како „Улта бјути“ и „ЛВМХ“, која неодамна го лансираше брендот на Ријана.

Леди Гага, која годинава освои Оскар за песната „Плитко“, рече дека „Амазон“ е вистинскиот партнер за неа, бидејќи ја прифаќа нејзината порака за самоприфаќање.

„Има компании кои ме прифаќаат мене и она за што се залагам, но тоа не е во корелација со она што тие го работат. Знаат да ми речат: ‘Може ли да промениш половина од равенката?’ Одговорот е не и нема договор“, изјави пејачката.