НАЈГОЛЕМАТА САНТА НА СВЕТОТ СЕ ДВИЖИ, ОБЈАВИЈА НАУЧНИЦИТЕ

Лондон, (Би-Би-Си)

Поминаа две години откако огромен блок мраз познат како А68 се откина од Антарктик. Новите сателитски снимки покажаа дека најголемата санта на светот се врти во водите на морето Ведел и сега се движи северно долж полуостровот на „белиот континент“.

Едно време се чинеше дека 160 километри долгата замрзната маса се заглавила во плиток дел од морето и дека ќе стане најголем леден остров на светот.

„За предмет кој тежи околу еден трилион тони, сантата А68 е доста пргава. Откако една година стоеше во место, понесена од океанските струи, таа се изврте за 270 степени и се помести 250 километри на север. Иако е долга 160 километри, таа е тенка само 200 метри и вистинско чудо е како досега не претрпила поголеми оштетувања во движењето“, вели професорот Адријан Лукмен од универзитетот во Свонси.

А68 се откина од работ на ледената плоча Ларсен Ц во јули 2017 и оттогаш сателитски се следи нејзиниот прогрес.

Како и повеќето санти од морето Ведел, се очекува А68 да биде повлечена од антарктичките струи, кои ќе ја исфрлат кон Јужен Атлантик.