МЕГАН ВО ВЕНЧАНИЦА НА БРИТАНСКАТА ДИЗАЈНЕРКА ВАЈТ КЕЛЕР, ДИРЕКТОРКА НА „ЖИВАНШИ“

Лондон (Си-Ен-Ен)

Меган Маркл носи венчаница на британската дизајнерка Клер Вајт Келер, која лани стана уметничка директорка на модната куќа „Живанши“.

За венчавката со принцот Хари во капелата „Сент Џорџ“ во замокот Виндзор Меган одбра елегантна венчаница, со долг превез и тијара. Меган ја добила тијарата, направена во 1932 година, од кралицата Елизабета.

Меган пристигна во замокот Виндзор со мајка ѝ Дорија, единствен член на нејзиното семејство кој дојде на свадбата (Фото: АП)

Меган со мало задоцнување излезе од хотелот кадешто ја помина ноќта со мајка ѝ Дорија и со „ролс-ројс“ се довезе во 16 километри оддалечениот замок Виндзор, а потоа пред капелата пред неа излегоа девериците и мали момчиња, меѓу кои беа и принцот Џорџ и принцезата Шарлот.

До олтарот ја придружуваше принцот Чарлс, бидејќи татко ѝ Томас, кој живее во Мексико, го откажа доаѓањето затоа што заздравува од операцијата на срцето, но тој претходно направи и мал скандал, кога се дозна дека му местел фотографии на еден папарацо.