МИС АМЕРИКА ГИ ИСФРЛИ КОСТИМИТЕ ЗА КАПЕЊЕ ОД ИЗБОРОТ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Изборот за Мис Америка го укинува делот со костими за капење и веќе нема да ги оценува кандидатките врз основа на нивната физичка појава.

Веста ја објави поранешната победничка Гречен Карлсон, која неодамна стана претседателка на бордот на организацијата Мис Америка.

Од програмата е исфрлен и вечерен дел, во којшто кандидатките мораа да облечат нешто во што се чувствуваат убаво за да го покажат својот личен стил.

„Веќе нема да ги оценуваме кандидатките врз основа на нивната надворешност, нивната физичка појава. Тоа е огромна промена. Ова веќе не е избор на убавина, туку стана натпреварување“, кажа Карлсон.

Место делот со костими за капење, ќе има интервјуа со натпреварувачките.

„Отсега, девојките ќе можат да покажат какви личности се, што доаѓа од нивната душа. Тоа е она што ќе го оценуваме“, додаде Карлсон, која победи во 1989 година.