КАЈЛИ ЏЕНЕР ЈА ПРОДАДЕ СВОЈАТА КОЗМЕТИЧКА КОМПАНИЈА ЗА 600 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Кајли Џенер, најмладата самосоздадена милијардерка во историјата, го продаде мнозинството акции во својата козметичка компанија за 600 милиони долари. Брендот на 22-годишната Џенер ќе стане дел од козметичкиот гигант „Коди“.

Според „Форбс“, „Кајли козметикс“ лани остварила продажби во вредност од 360 милиони долари, што Џенер ја направило најмлада милијардерка на светот.

„Кајли е икона на модерното време, со неверојатно чувство за она што го сакаат купувачите“, соопшти „Коди“, кој ги поседува и брендовите „Хуго Бос“ и „Барбери“.

Нејзиното влијание на интернет е толку моќно што лани успеа да ја намали вредноста на акциите на Снепчет за 1,3 милијарди долари откако напиша дека веќе не ја користи оваа платформа.

Џенер го почна својот бренд во 2015 година, прво со линија на кармини, за потоа да го прошири на цела шминка. Иако најмлада, таа е член на кланот Кардашијан со најголема заработка.