„ФОРБС“ ЈА ИСФРЛИ КАЈЛИ ЏЕНЕР ОД СВОЈАТА ЛИСТА НА МИЛИЈАРДЕРИ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Магазинот „Форбс“ ја тргна ТВ-ѕвездата и бизнисменка Кајли Џенер од својата листа на милијардери, обвинувајќи го нејзиното семејство за преувеличување на вредноста на нејзината козметичка компанија.

„Форбс“ објави дека нејзиното семејство Кардашијан-Џенер претерало во напорите да ја претстави својата најмлада членка побогата отколку што навистина е. Џенер ги отфрли овие тврдења како неосновани претпоставки и неточни изјави.

„Никогаш не сум барала никакви титули, ниту сум се служела со лаги за да стигнам до успехот. Можам да набројам 100 други работи кои ми се поважни од тоа колку пари имам“, напиша Џенер на Твитер.

Минатата година, „Форбс“ ја прогласи Џенер за најмлад самосоздаден милијардер во историјата, додавајќи дека тоа се должи на успехот на нејзината козметичка компанија, што ја основала во 2015. Таа лани продаде 51% од акциите во компанијата за 600 милиони долари.