КНИГАТА „ОБЛЕКАТА И МОДАТА ОД ПРАИСТОРИЈАТА ДО ДЕНЕС“ НА ЗОРКА ТОДОРОВА-МЛАДЕНОВИЌ Е ДРАГОЦЕН ВОДИЧ НИЗ СТИЛОВИТЕ, ВЕЛИ ДИЗАЈНЕРКАТА ЛИДИЈА ГЕОРГИЕВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 29 март од 18 часот во рамките на „Моден викенд Скопје“ во „Дајмонд мол“ ќе се одржи промоција на книгата „Облеката и модата од праисторијата до денес“ од костимографката и модна креаторка Зорка Тодорова-Младеновиќ. Лидија Георгиева, модната дизајнерка и професорка на Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ) во Скопје вели дека многу научила од Младеновиќ која ѝ била професорка.

„Авторка на книгата ‘Облеката и модата од праисторијата до денес’, е мојата професорка Зорка Тодорова-Младеновиќ. Според своето образование (Париз, Белград) и професионална кариера (филмови, театарски претстави, колекции), таа е совршена комбинација од костимографка и модна креаторка, што дава ретка можност и на некој начин обврска да ни го пренесе тоа знаење на сите нас, а притоа и мене како професорка, на помладите генерации. Опфаќајќи ги локалните костими и начини на облекување, заедно со светската историја, оваа книга е посветена на приказна за модата за првпат раскажана на македонски јазик на начин што досега не бил раскажан кај нас. Достапна за сите, таа е драгоцен водич низ стилови со текот на вековите, многу корисна за студентите по мода, дизајн, па и уметност, но и за сите вљубеници во убавината. Бидејќи културата не се создава сама, таа се гради со визија и со луѓе што веруваат во неа, сето ова беше добра причина ‘Ротари клубот Скопје Центар’ да иницира изработка на електронски формат на делото. Сега таа фаза е завршена, па со цел да се овозможи печатено издание, на крајот на овој месец, се предвидуваат два донаторски настани: еден во рамките на ‘Видик’, фестивал за литература и општа култура, во соработка со Литература.мк и другиот како дел од програмата на Скопскиот моден викенд. Збогатена со прекрасни илустрации и фотографии, оваа значајна книга за модата и историскиот костим е важно културно наследство за идните генерации, редок документ на македонски јазик и сведоштво за облекувањето низ вековите и денес“, вели Георгиева.

Опфаќајќи ги локалните костими и начини на облекување, заедно со светската историја, оваа книга е посветена на приказна за модата за првпат раскажана на македонски јазик на начин што досега не бил раскажан кај нас, вели Георгиева. (Фото. Фејсбук)

Таа додава дека изминативе неколку години, како активни учесници на нашата модна сцена, веќе постепено се појавуваат генерации кои што дипломирале на ТМФ според новата програма, на кои се обидела да им го пренесе нејзиното знаење, а дел од нив и ги менториралала со нивните дипломски проекти.

„Тие очигледно го даваат својот белег и влијание врз изгледот на македонскиот моден пејсаж, на што сум особено горда. Во текот на минатото издание со авторска ревија се презентираше Ангела Бикова, а на ова издание исто така ќе учествуваат мои дипломирани студенти, како на пример Ангела Доневска. Што се однесува до студентите што се сега кај нас на ТМФ, тие ќе имаат можност да учат позади сцената, како волонтери асистенти“, вели Георгиева и додава: „Овој семестар сме фокусирани на конципирање и реализација на нашата традиционална ревија, којашто се одржува секоја година кон крајот на јуни, по повод роденденот на ТМФ. Оваа година ќе одбележиме 20 години од првата организирана ревија на ТМФ, такашто сигурна сум дека повторно ќе покажеме интересни дизајни и ќе раскажеме нови приказни“.

Во рамките на модниот настан што ќе се одржи на 29 март, најајавена е разновидна програма посветена на современата мода, дигиталните технологии и креативните индустрии.

Креации на студентите на ТМФ на Денови на модата во Штип (Фото: Фејсбук)

Програмата започнува во 16 часот со студентска ревија на „Интернешнл Фешн Институт Изет Цури“, каде свои креации ќе претстават Рејхана Винца, Дорунтина Каштанјева и Мирадије Селими. Во 17:00 часот ќе се одржи јавна дискусија на тема „3Д и вештачка интелигенција во модата“. Во рамките на разговорот, од 17 до 17:30 часот, ќе настапи Ангела Доневска, текстилен инженер и 3Д моден дизајнер, која ќе ја претстави колекцијата „Дип витин – холограм колекција“, насловена „Паралелен универзум: каде дигиталната мода се среќава со брутализмот“.

Од 17:30 до 18 часот, Даниела Милошеска ќе го претстави пилот-проектот „Џаст фешн“ финансиран од Европската Унија, фокусиран на развојот на индивидуализирана мода преку виртуелни алатки.

Во периодот од 18 до 18:30 часот, Лидија Георгиева и Зорка Тодорова-Младеновиќ ќе одржат презентација и донаторски настан „Од дигитално до печатено“, посветен на поддршка за издавањето на модната книга.

Вечерната програма продолжува во 19 часот со студентска модна ревија на Европски универзитет, а во 20 часот ќе се одржи групна ревија на Марија Станојовска и Маригoна Рахмани.

Настанот завршува во 21 часот со ревија на Олгица Ѓоргиева.

Фото: Зорка Тодорова-Младеновиќ на промоцијата на нејзината фотомонографија „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ во 2024. (Фото: Литература.мк)

М. ЏАРОВСКА