Триесет и шест модели продефилираа помеѓу витрините од Етнолошката поставка во Музејот на Македонија, на вечерашната изложба „Современ дизајн накитен со минатото“, во организација на Американската амбасада во Скопје и Македонскиот велком центар „Добредојде“.

Моделите во друштво на музиката на Кирил Џајковски од филмот „Прашина“ на режисерот Милчо Манчевски, носеа креации на 12 македонски дизајнери, инспирирани од носијата на македонската жена, револуционерите, шапките, чевлите од македонските планини.

На ревијата учествуваа креаторите: Алек Бимбилоски, Никола Булески- Буле, Лидија Георгиева, Олгица Ѓоргиева, Никола Ефтимов, Роберт Ивановски, Ивана Кнез, Тања Кокев, Росица Мршиќ, Антонија Ристовска, Силвија Михајловска и Нела Тодоровска.

Инцијатор за изложбата е сопругата на американскиот амбасадор Џес Бејли, Кејпи Полк Бејли, која ја организираше заедно со Емилија Миладинова-Аврамчева од „Добредојде“ и модната новинарка Сани Богдановска.

„Вечерва ги славиме врските меѓу уметноста, културата и историјата преку оваа импресивна збирка од носии во Музејот на Македонија. Амбасадата на САД изминативе години беше многу активна во заштитата на македонското културно наследство и во поддршка на малите бизниси и претприемачи, така што вечерашнава изложба е мешавина на тие две клучни точки“, изјави амбасадорот Бејли пред гостите од државниот врв, дипломатскиот кор, бизнис фелата, историјата, модата и образованието.

Б. НЕСТОРОСКА