ВЕНЕЦИЈА ЌЕ ЗАБРАНИ ГОЛЕМИТЕ КРУЗЕРИ ДА ВЛЕГУВААТ ВО ГРАДОТ

Венеција, (Гардијан)

Гондолите и водените таксија веќе нема да мора да се борат за простор со големите крузери во Венеција, одлучи италијанскиот владин комитет.

Жителите на градот и екологисти веќе подолго време се жалат на овие палати на задоволство што пловат блиску до готските и византиските историски зданија и градоначалникот го поддржа планот за нивно пренасочување.

Според новите правила, бродовите кои тежат повеќе од 100.000 тони ќе мора да пловат по не толку гламурозна маршрута до индустриското пристаниште Маргера, далеку од Големиот канал.

Дури 99% од 18.000 жители на Венеција гласале за оваа забрана во јуни на неофицијален референдум.

„Сакаме да им биде јасно на УНЕСКО и на целиот свет дека ние имаме решение. Ова ги опфаќа и сите работни места од индустријата на крузери, што не смееме да си дозволиме да ги изгубиме”, рече градоначалникот Бруњаро по средбата со владиниот комитет за спас на Венеција.

Новата маршрута треба да биде изградена во наредните четири години, но многумина сметаат дека тоа е неизводливо.