Како и секоја гламурозна кралска свадба, вниманието на свадбата на принцот Хари и Меган беше свртено кон шапките, фустаните и смокинзите.
Славниот ирски дизајнер Филип Трејси креирал шапки за 20-ина гости, меѓу кои за Опра Винфри, Пријанка Чопра и за Камила, војвотката од Корнвел и сопруга на принцот Чарлс.
Кралицата Елизабета Втора носеше мантил во лимон боја на Стивен Парвин, под кој имаше цветен свилен фустан. Таа го комплетирала изгледот со шапка на Анџела Кели во истата боја, со украс од кристали и бисери, рачна изработка на Луси Прајс. На дијамантскиот брош „ричмонд“ има и еден бисер.
Амал Клуни изгледаше кралски во жолт фустан на Стела Мекартни, со шапка со широк раб и превез пред очите, додека нејзиниот сопруг Џорџ Клуни носеше костум во неутрална сива боја.
Опра Винфри се одлучи за розова креација на Стела Мекартни и за соодветна шапка, додека, пак, Викторија Бекам носеше темносин фустан и црвени чевли.
Тениската ѕвезда Серена Вилијамс дојде во светлорозов модел на „Версаче“, кој го искомбинира со масивен златен ѓердан.
Сестрата на војвотката Кејт, Пипа Мидлтон, која е четврти месец бремена, носеше цветен свилен фустан на „Фолд“ од 495 фунти.
Принцезите Беатрис и Јуџенија, први братучетки на младоженецот, се одлучија за посмирени комбинации, за разлика од нивните драматични изгледи за свадбата на Вилијам и Кејт.
Меѓу 600-те гости имаше и некои облечени во кралската пурпурна боја и вратоврски во пролетни пастелни нијанси.