Ким Кардашијан ја прими наградата за највлијателна личност во светот на модата, што за првпат ја додели Американскиот совет на модни дизајнери и кажа дека е шокирана што ја избрале токму неа.

„Малку сум шокирана што освојувам модна награда, затоа што најголем дел од времето сум гола. Но, ова е сериозно голема чест“, кажа Кардашијан на свеченоста во Бруклин.

Таа потоа се осврна на своите критичари, кои не верувале дека може да успее во модниот свет. Неколку години подоцна, Кардашијан соработува со најголемите модни куќи и има своја успешна козметичка линија, неброено многу насловни страници на магазини и 112 милиони следбеници на Инстаграм.

„Мислам дека беше пред седум години кога моја тогашна публицистка ме праша што сакам да постигнам, кои се моите цели и сништа, а јас ѝ одговорив дека сакам да бидам на насловна страница на магазин. Таа ми кажа да си поставам пореални цели, ‘затоа што тоа никогаш нема да се случи‘. Кога се појавив на насловната на ‘Вог‘, ѝ пратив потпишан примерок“, се присети Кардашијан.

Оваа награда неодамна беше востановена од Томи Хилфигер и токму тој предложил Кардашијан-Вест да биде првата добитничка.