УЧЕНИЦИ И СТУДЕНТИ ЌЕ ГОВОРАТ КАКВА Е НИВНАТА ВИЗИЈА ЗА ОПШТЕСТВОТО ВО 2030

Скопје (СМАРТ СДК.МК)

Средношколци и студенти ќе ги кажуваат нивните визии какво ќе биде општеството во 2030 година, во рамките на работилницата „Младите зборуваат 2030“ (Youth Talks 2030), што ќе се одржи на 12 јуни во кино Фросина.

Организаторите велат дека настанот е од едукативно-забавен карактер, на којшто десет млади инспиративни луѓе ќе ја дадат нивната визија за општеството на иднината.

Двајца учесници кои ќе имаат најдобри говори ќе бидат дел од десетдневен меѓународен семинар во Луксембург ова лето. За најдобрите говори ќе гласа публиката, а секој регистриран и присутен член на публиката ќе има можност да стане дел од мрежата на млади кои сакаат позитивна еколошка промена и ќе бидат вклучени во идни активности на здружението „Биди зелен“.

Влез за настанот се три празни батерии или мал нефункционален електронски апарат, како мобилен телефон, тастатура или фен.

Настанот е инспириран од „Целите за одржлив развој за 2030 година” на Обединетите нации.