Тодор Стојанов докторираше моден дизајн на Универзитетот Донгхуа во Шангај и по неколку години работа во овој град, се пресели во Европа, прво во Шпанија и Португалија, а потоа во Холандија, каде што сега најмногу соработува со модната куќа „ПВХ корп“ од Амстердам.

Боите и дизајнот му биле преокупација уште како студент на Технолошкиот факултет во Скопје. Денес, младиот штипски моден дизајнер најмалку време поминува во Амстердам, затоа што често патува во Копенхаген, Милано, Хонгконг и Шангај, каде што работи како главен координатор за обезбедување квалитет.

Стојанов е и основач на ФДНМ платформата за претставување избрани модни дизајнери и врвни македонски брендови.

„Тврдам дека дигитализацијата на модната индустрија е неизбежна реалност. Евтината работна рака е главната причина што во овој сектор сѐ уште не настапила масовна техничко-технолошка и дигитална револуција, која бара дополнителни инвестиции“, вели Стојанов.

Според него, дигиталните технологии подолго време се наметнуваат во модната индустрија, но само делумно биле прифаќани од водечките модни компании, што полека почнува да се менува во времето на КОВИД-19.

„3-Д дизајнот е веќе наша реалност. Повеќе софтверски компании се во трка да понудат решенија што ќе бидат применливи за големите модни брендови“.

Тој предвидува дека во иднина ќе се дизајнира облека што би постоела само во дигитална форма и би била наменета само за дигиталните канали.

„Во последно време се наметнуваат две нови технологии: виртуелна (ВР) и аугментирана реалност (АР). Замислете како би изгледало на модно шоу наместо луѓе, да излезат модели во вид на суштества од некој имагинарен свет и тоа да се случува на некоја измислена локација. Или, замислете бренд чија колекција за пролет/лето е инспирирана од Бразил и неговото модно шоу се случува на плажа во Рио, а преку ВР-уреди се следи во целиот свет“, вели Стојанов.

Тој нагласува дека вакви дигитални обиди веќе се направени на модните недели во Шангај, Токио и Москва, а наскоро ќе има и во Милано, штом ќе стивне коронавирусот.

Т. ЈОВАНОВСКИ