„ЛВМХ“, најголемата светска компанија за луксузни добра, стана нов сопственик на „Тифани“ во зделка тешка 16,2 милијарди долари.

Францускиот концерн објави дека ова ќе го трансформира неговиот оддел за часовници и накит, што вклучува брендови како „Булгари“, „Таг Хојер“ и „Ибло“, но и ќе го зголеми неговото присуство во САД. Тоа е последниот додаток кон 75-те брендови на групацијата, чиј дел се и модни гиганти како „Луј Витон“, „Живенши“, „Фенди“, „Кристијан Диор“ и „Кензо“, но и најпознатите производители на шампањ „Дом Перињон“ и „Моет“.

„Тифани“ е основана во 1837 година, кога Чарлс Луис Тифани ја отворил првата продавница во Менхетн. Денес, „Тифани“ има повеќе од 14.000 вработени и 300 бутици. Таа е најпозната по свршувачки прстени, чии цени се движат од 1.425 до 43.400 фунти, како и по ѓердани од бели дијаманти. Минатата година, компанијата остварила продажби во вредност од 4,4 милијарди долари.

Ова е најголемата аквизиција на „ЛВМХ“ во 32-годишното раководење на Бернар Арно, кој важи за најбогат човек во Европа. Според податоците на „Форбс“ од ноември, неговото богатство изнесува 106,6 милијарди долари, а тој е и најбогатиот човек во модниот свет, каде што од врвот го симна сопственикот на „Зара“, Амансио Ортега.