Депониите за старо железо ѝ даваат инспирација на тајванската дизајнерка Ванг Ли-линг за нејзината модна линија. Триесет и шестгодишната креаторка собира стари парчиња метал и жици, што потоа ги додава на облека како модни детали.

„Наоѓам доста материјали од главната тајванска енергетска компанија што таа веќе не ги користи. Овие материјали биле користени пред повеќе од 10, 20, 30 години. Нивната боја дава поинаква нишка на материјалот“, вели креаторката.

Таа зашива жици и останати материјали на фустани и блузи и со тоа им дава футуристички изглед, што беше одлично оценето од публиката на модната ревија во Тајпеј.

„Сите знаат дека модната индустрија се врти околу брза мода. И тоа е штета. Јас си ги проширив моите хоризонти, искористувајќи стари материјали за да создадам нешто ново“, рече Ли-линг по ревијата.