МОДЕЛ ВО БУРКИНИ ЗА ПРВПАТ НА НАСЛОВНАТА СТРАНИЦА НА „СПОРТС ИЛУСТРЕЈТЕД“

Њујорк, (Би-Би-Си)

Сомалиско-американски супермодел стана првата жена која се појавила на насловната страница на „Спортс илустрејтед“ облечена во буркини, костим за капење во согласност со исламска традиција.

Халима Аден е ѕвезда на годинашното специјално издание на магазинот посветен на костими за капење, со тоа што нејзиниот модел покрива сѐ освен лицето, рацете и стапалата.

Аден пораснала во бегалски камп во Кенија, а во САД дошла на седум години

„Младите девојки кои носат хиџаб би требало да имаат примери во сите области од животот. Денес гледаме политичарки, бизнисменки, ТВ-репортерки и други успешни жени кои носат хиџаб и тоа е пораката што треба да ја испратиме. Реакциите беа неверојатни и почестена сум што ‘Спортс илустрејтед‘ направи ваков чекор напред за да ја покаже убавината и на скромно облечени жени“, изјави 21-годишната Аден.

Таа пораснала во бегалски камп во Кенија, а во САД дошла на седумгодишна возраст.

Буркини е костим за капење оригинално дизајниран од австралиската креаторка Ахеда Занети, која со тоа сакала да им помогне на муслиманките послободно да одат на плажа.